6 Окт 2011
Адинг на 14-тиот Меѓународен Симпозиум на ДГКМ
На годинешниот 14-ти симпозиум на Друштвото на градежни конструктори на Република Македонија, Адинг зеде учество како поддржувач. Воедно во рамките на симпозиумот беа одржани и презентации од страна на нашите инженери вработени во секторот „Техничка примена и пласман“ и тоа на тема:
КАРБОНИЗАЦИЈАТА КАКО ЕДЕНА ОД ОСНОВНИТЕ ПРИЧИНИ ЗА ОШТЕТУВАЊА И ДЕГРАДАЦИЈА НА АРМИРАНОБЕТОНСКИТЕ К-ЦИИ
Автори на темата се: дипл.град.инж. Митревски Стеван и дипл.град.инж. Узунов Никола
РЕЗИМЕ
Европските стандарди ЕN 1504 за санација и заштита на армирано бетонските конструкции го предвидуваат комплетниот систем на принципи, мерки и методи за утврдување на причините и степенот на оштетување на армирано бетонските конструкции, санација и заштита на истите, како и материјалите кои притоа ќе се применат. Процесот на карбонизација на бетонот се јавува како еден од основните фактори за деградација на армирано бетонските конструкции, особено во средини каде концентрацијата на јаглерод диоксид е висока (градски средини, тунели, мостови, индустриски објекти итн.). Соодветната превенција на ваквите објекти во голема мерка го продолжува нивниот век на експлоатација, притоа драстично намалувајќи ги средствата кои евентуално би се користеле за нивна санација.
Втората тема е со наслов: НОВИ ТРЕНДОВИ И ДОСТИГНУВАЊА ВО ОБЛАСТА НА ПРИМЕНАТА НА АДИТИВИТЕ ЗА ОДРЖУВАЊЕ НА КОНЗИСТЕНЦИЈАТА НА БЕТОНОТ
Автори на темата се: дипл. техн. Инж. Караманолевски Предраг и дипл.град.инж. Узунов Никола
РЕЗИМЕ
Примената на “класичните” адитиви за бетон од групата на пластификатори и суперпластификатори, како и успорувачи (ретардери) на врзувањето на бетонот, овозможува продолжен транспорт и одложено вградување на бетонот, при што нивната употреба е секогаш врзана со практични проблеми на загуба на иницијалната конзистенција во тек на времето, како и забавување на развојот на раните јакосни карактеристики. Најновата генерација на адитиви наменети исклучиво за одржување на обработливоста/конзистенцијата на бетонот овозможува транспорт и вградување на бетон со истата класа на конзистенција со која е произведен, како и непречено постигнување на високи рани јакосни карактеристики.