Јубилеен настан - „50 ГОДИНИ ОД ПРВИТЕ ЧЕКОРИ“
Годинава нашата компанија одбележува 50 години од своето постоење и основање. Како дел од целата јубилејна кампања на 30.05.2019 година, се одржа и главниот настан, насловен како „50 ГОДИНИ ОД ПРВИТЕ ЧЕКОРИ“.
Настанот се случи во „Музејот на современата уметност“, во присуство на голем број гости, претставници на компании соработници од поширокиот регион и земјава, владини претставници, државни институции, факултети и останати научно-истражувачки институции.
50 годишната успешна приказна, беше раскажана низ една симбиоза на уметнички танцови и оперски елементи, поткрепени со уникатен визуелен перформанс од наши врвни уметници, како и краток корпоративен филм.
„Како што дел од вас нѐ нарекуваат, ние сме градежни фармацевти, ние сме превенција, но и лек за градбите. Ние сме специфично јадро сочинето од градежници, архитекти, технолози, хемичари и други професионалци, кое пред себе има поставено една цел, да бидеме „состојка на секоја градба“.
Денес по 50 изминати години на АДИНГ, од кои лично сум вклучен во него 40 години, во едно сум сигурен и истовремено горд: Имаме иднина, успеавме, пренесовме знаење! Оставивме позади нас и „заразивме“ со ентузијазам нови генерации. Денес сум убеден повеќе од било кога, дека еден ден навистина и ќе бидеме „состојка на секоја градба“! “ – изјави во својот краток поздравен говор, генералниот директор и претседател на УО, г-дин Благоја Дончев.
Присутните имаа можност да уживаат и во ексклузивната изложба на делото „Глава на Жена“ (1963 г.) од Пабло Пикасо, дел од богатата и вредна колекција на „Музејот на современата уметност“.
Сите фотографии од настанот може да ги преземете овде.